Саракинико е можеби и најубавата плажа во близина на Парга, особено за љубителите на природа. Се наоѓа на 9 километри од Парга, доколку се исклучите од главниот пат во близина на селото Anthousa.

      Патот до плажата е долг 5 километри, тесен е и со кривини, па потребно е внимателно да возите. Живописното патување секако вреди, бидејќи Саракинико плажата е навистина убав бисер на Јонскиот Брег. До неа може да се дојде и со брод или глисер од Парга. Локалните агенции најчесто ја нудат оваа посета за 11 евра од лице, повратна карта, без оглед на тоа дали ќе патувате 20-тина минути со борд или 10-тина минути со глисер. Се поаѓа од Парга во 11:00 часот, а назад се враќате во 17:00 часот.

     Плажата Саракинико е сместена помеѓу ридови и зеленилото, залив е, па најчесто водата е сосем мирна, чиста и прозирна. На брегот и во водата има мали бели камчиња, а длабочината на водата постепено се зголемува. Зеленото опкружување на водата и дава боја на емералд. Иако е мала плажа, речиси никогаш не е преполна со посетители. Добро е организирана, има туш, пресоблекувална и може да закупите две лежалки и чадор за 6-8 евра во зависност од барот. Тука има две таверни и една кафетерија. Едниот ресторан има базен во градината кој е достапен за гостите. Другиот ресторан има преубава панорама на плажата и морската шир. Од двете страни на плажата има карпи кои се интересни за нуркачите.

 

https://nikana.gr/