На крајот на старата година, цела Виена се забавува и танцува. Каде ќе ја дочекате Новата Година е Ваш избор, дали на Виенскиот Бал во Царската Палата или на некој од плоштадите во Виена.

Ниту еден град не е како Виена во овие празнични моменти. Последните денови од годината се исполнети со концерти и забава. Виенскиот симфониски оркестар традиционално ја изведува Деветтата симфонија од Бетовен на крајот на старата година и на првиот ден од новата, Виенската филхармонија изведува избрани валцери, полки и мелодии од опери, а на 1ви Јануари празнично се проследува новогодишниот концерт на Виенската филхармонија, кој е еден многу важен светски настан. Влезниците за овие настани се распродадени веќе 12 месеци претходно, но сепак нема да го пропуштите новогодишниот концерт затоа што се прикажува во живо на телевизија во повеќе од 90 земји ширум светот, како и на огромен видео-бим пред општината и операта во Виена.

На двете вечери од дочекот Државната Опера и Народната Опера даваат гала изведби на “Лилјакот” од Јохан Штраус. Изведбата на “Лилјкот” на Државната опера може бесплатно да се проследува на видео-бим пред Операта во 19:00 часот.  Ако навреме сте резервирале карти за Новогодишниот бал, тогаш ќе ја дочекате новата година во незамисливо висок стил. Новогодишниот бал во балската сала во палатата Хофбург е момент на шушкави долги наметки, блескав накит, аристократско однесување… токму како што Хабзбуршката монархија ја прославувала Новата година.

Центарот на Виена станува место за една голема прослава, со почеток во 14.00 часот од 31ви Декември до 02.00 часот на 1ви Јануари. Илјадници луѓе доаѓаат на плоштадите низ Виена, во центарот, пред Општината и во Пратер и уживаат во кулинарските задоволства и во богатата музичка програма, опери, валцери, поп, рок, фолк, како и DJ сет.

Дочекот на Новата Година во Виена со виенски валцер, е искуство што секој барем еднаш треба да го доживее. Особено забавно е танцувањето под луксузните лустери на најголемата балска сала под отворено небо на улицата Грабен. За оние кои треба да го научат виенскиот валцер, училиштата нудат часови на плоштадот. Главната гала вечер се одржува во општината и во водечките хотели низ Виена, додека возот, наречен палата на шини ви овозможува возење во новата година во најлуксузен стил.

За оние кои што сакаат романтичен дочек на новата година, вистинскиот избор е огромното виенско тркало во луна паркот Пратер, каде што точно во 00.00 часот гледајќи осветлена панорама на Виена ќе можат да наздрават со чаша шампањ. Друга романтична опција е глетката на осветлената Виена со крстарење по Дунав.

Како што се наближува полноќ, посетителите се собираат околу Катедралта Св. Стефан... музиката запира, започнува одбројувњето пропратено со ударите на камбанта и звуците на “На убавиот син Дунав” на Штраус во првите секунди од новата година.

Што и да изберете за новогодишниот дочек, Виена е местото на кое што задолжително треба да бидете!

 

Извор: http://www.austria.info/

06.11.2016